Кина е посветена на поставување јасни цели и обезбедување на нивно спроведување, со цел да се гарантира стабилност и сигурност за глобалното управување со климатските прашања, изјави кинескиот потпретседател Хан Џенг за време на средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Како што објави кинеската новинска агенција Синхуа, Хан остварил средба со Гутереш на маргините на конференцијата КОП31 во Анталија, Туркије.
Пренесувајќи ги „срдечните“ поздрави од кинескиот претседател Кси Џинпинг до Гутереш, Хан истакна дека Пекинг придава големо значење на прашањето за климатските промени.
Според Хан, оваа година Пекинг постави цели според кои, до 2030 година, енергетските извори што не се засноваат на фосилни горива треба да сочинуваат 50 % од производството на енергија, додека електричната енергија треба да учествува со 35 % во финалната потрошувачка на енергија.
Тој додаде дека глобалниот одговор на климатските промени моментално се соочува со бројни предизвици. Земјите во развој, особено, се соочуваат со тешкотии како што се недостиг на финансиски средства, технолошки недостатоци и несоодветни капацитети за спроведување на нивните национално утврдени придонеси – проблеми што меѓународната заедница мора заеднички да ги решава.
Хан додаде дека Кина очекува 31-вата конференција, под водство на Гутереш, да оствари нов напредок и да постигне нов консензус.
Од своја страна, Гутереш изјави дека Кина, како глобален лидер во областа на обновливите извори на енергија, дала значаен придонес кон намалувањето на глобалните емисии на стакленички гасови.
Двајцата соговорници разговараа и за важноста од заедничка работа за постигнување солидни и веродостојни резултати на КОП31, кои би ги адресирале празнините во областите на ублажување на климатските промени, финансирање и адаптација, се наведува во соопштението на ОН.
Гутереш му се заблагодари на Хан за „континуираната“ поддршка што Кина ѝ ја дава на Организацијата на обединетите нации и на нејзините активности.















