Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Црна Гора е на добар пат наскоро да ѝ се приклучи на Европската унија.
Говорејќи по самитот во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин беше Црна Гора, Мерц нагласи дека патот на Западен Балкан кон ЕУ мора да стане неповратен. Тој го опиша проширувањето како геополитички императив, за регионот да не се претвори во арена каде што големите сили се натпреваруваат за влијание.
„Црна Гора е на најдобриот пат наскоро да ѝ се приклучи на ЕУ. Другите мораат и ќе го следат тој пример“, рече Мерц. Тој ја поврза итноста на процесот со руската војна против Украина, истакнувајќи дека само заедничка перспектива во рамките на европскиот единствен пазар и институциите на ЕУ може да донесе трајна стабилност.
Во однос на отворените билатерални прашања меѓу Хрватска (членка на ЕУ) и Црна Гора (земја-кандидат), кои сè уште влијаат на две преостанати преговарачки поглавја, Мерц изјави дека за овие прашања се разговарало на самитот на ЕУ во Брисел, минатиот четврток. Тој додаде дека за овие прашања разговарал и директно со хрватскиот премиер.
„Знам дека се води многу интензивна и конструктивна дискусија меѓу Црна Гора и Хрватска за овие две преостанати теми“, рече Мерц. „Црна Гора веќе донесе многу конкретни одлуки во тој поглед, отворајќи го патот натаму. Длабоко верувам дека последните резерви што ги има Хрватска можат да се надминат. Не сметам дека се доволно значајни за да го попречат членството на Црна Гора во ЕУ“, рече тој, додавајќи дека и двајцата премиери ја делат оваа оценка.
















