Папата Лав XIV нема да има потреба од понатамошен третман откако минатата недела беше подложен на операција за рак на белите дробови, соопштија неговите лекари во среда, потенцирајќи дека туморот не се проширил.
На папата (71) му бил отстранет долниот лобус од десното белодробно крило за време на операцијата на 13 октомври и му беше дијагностициран аденокарцином на белите дробови, најчестата форма на рак на белите дробови.
Конечните хистолошки прегледи и молекуларно биолошките анализи на отстранетото ткиво ја потврдија дијагнозата, при што болеста остана локализирана, рекле лекарите во соопштение објавено од Ватикан.
„Последователната онколошка евалуација потврди дека не е потребен понатамошен третман“, изјавија главниот хирург на папата, Стефано Маргаритора, и неговиот личен лекар, Луиџи Карбоне.
Папата Лав XIV денес ја одржа својата неделна општа аудиенција за верниците на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.
Папата ги поздрави аџиите од отворен папамобил, благослови бебиња и застана да разговара со толпата. Тоа беше неговата прва општа аудиенција откако беше подложен на операцијата.
Светиот Отец им се заблагодари на сите за нивните молитви и, меѓу другото, ги повика верниците да ја обноват својата доверба во Божјата добрина и милост.
Ватикан сè уште не го објави распоредот на Папата по среда. Тој треба да ги посети Уругвај, Аргентина и Перу од 6 до 17 ноември, но не е јасно дали патувањето ќе продолжи според планот.
Главниот хирург рече дека папата би можел целосно да се опорави до неговото патување, додека државниот секретар на Ватикан посочи дека можеби ќе треба да го прилагоди темпото на своите обврски за да овозможи закрепнување.























