Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф „многу добро“ се снаоѓа во преговорите со Иран, но навести дека постигнувањето договор не е исходот што тој го посакува.
„Тој работи на договорот со Иран и му оди многу добро. Мислам дека договорот навистина не е нешто што сакам да го направам, но тие се подготвени да ни понудат што било за да запреме“, им рече Трамп на поддржувачите на предизборен митинг во Сан Антонио, Тексас.
„Тие никогаш нема да имаат нуклеарно оружје“, додаде тој.
Трамп го опиша Виткоф како „одличен преговарач“ кој „направил некои феноменални работи“, притоа посочувајќи на договорот за прекин на огнот во Газа.
Американскиот претседател исто така изјави дека очекува војната со Иран наскоро да заврши.
„Таа војна завршува – и тоа ќе биде многу скоро. Мора да биде многу скоро“, рече тој, опишувајќи го Иран како „пропадната држава“.
Тој ги даде овие изјави откако медиумите објавија дека Белата куќа побарала од Пентагон да подготви опции за напади врз ирански цели кои би можеле да бидат изведени пред парламентарните избори во САД на 3 ноември.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари. Техеран одговори со ракетни и беспилотни напади низ регионот и практично го затвори Ормускиот Теснец, стратегиска рута за снабдување со енергенси.
САД и Иран во јуни потпишаа Меморандум за разбирање по посредничките напори на Пакистан и Катар за запирање на непријателствата и отворање пат за преговори.
Спроведувањето на договорот оттогаш е во застој поради несогласувања, меѓу другото, околу безбедноста и пловидбата низ Ормускиот Теснец.
















