Американскиот државен секретар Марко Рубио денес се спротивстави на медиумските наводи во кои се тврди дека Вашингтон ги повикал странските влади да ја спречат венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо да се врати во својата татковина.
„Премисата на вашето прашање не е точна. Никогаш од никого не сме барале да не пушта некој друг каде било во светот“, рече Рубио на прес-конференцијата заедно со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис во Атина, негирајќи ги тврдењата дека американскиот Стејт департмент интервенирал за да го ограничи нејзиното движење.
Рубио ги негираше тврдењата што ги изнесоа новинарите, велејќи дека објавените тврдења не претставуваат утврдени факти и дека не може да одговара на обвинувања засновани врз невистини.
Мачадо, која го предводи опозициското движење Венте Венецуела, е истакната политичка противничка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој беше заробен од САД во рација во јануари.
Мачадо ја доби Нобеловата награда за мир за 2025 година за „нејзината неуморна работа на унапредувањето на демократските права на народот на Венецуела“.
Кон крајот на септември властите трипати во рок од 24 часа ја спречиле да влезе во Венецуела, изјави нејзиниот висок советник Дејвид Смолански за американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес њуз.





















