Бројот на загинати во рускиот напад врз станбена зграда во градот Прилуки во украинскиот Черниговски регион се зголеми на 18, а бројот на повредени на 55, соопшти денес Државната служба за вонредни ситуации на Украина.
Во соопштението објавено на Фејсбук се наведува дека меѓу загинатите има четири деца, додека меѓу повредените има седум деца.
Се нагласува дека потрагата по лица закопани под урнатините на зградата е во тек, објави Укринформ.
Русија во ноќта меѓу вторник и среда лансирала 70 ракети и изврши напад со беспилотни летала врз Украина во еден од најголемите напади во последните месеци, насочен кон енергетската инфраструктура на земјата, изјави претседателот Володимир Зеленски.
Голем број жители на Киев се засолниле во станиците на метрото во Киев откако украинските власти и военото разузнавање предупредија за претстојните напади.
Покрај беспилотните летала, руските сили, исто така, испукале балистички ракети кон Киев, според украинските власти.
Украина со месеци се соочува со сериозен недостиг на воздушна одбрана, што ги натера властите постојано да апелираат до сојузниците за дополнителна помош и испорака на системи за воздушна одбрана.
Ноќните напади врз југоисточниот град Днепар оштетија индустриски објект, додека објектите за транспортна инфраструктура беа оштетени во Запорожје и станбени згради во Кременчук.




















