Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Туркије, Алпер Акташ.
Посакувајќи му добредојде, таа изрази уверување дека во неговиот мандат добрите македонско-турски односи ќе станат уште подобри.
Според неа, Туркије е не само наш стратешки партнер и значаен сојузник во НАТО, туку и искрен пријател којшто ги разбира македонските приоритети, а во формирањето на Советот за соработка на високо ниво препознава политички чекор напред.
За амбасадорот Акташ, стратешкото партнерство е од голема важност за обете земји.
Сиљановска-Давкова гледа отворен простор за соработка во економијата, трговијата, одбраната, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, културата и образованието.
Таа ја поздрави Балканската платформа за мир, иницирана од Република Туркије, како рамка за градење регионална стабилност низ дијалог.
За обajцата, турската заедница е важен сегмент на македонскиот етнички и религиозен мозаик, како што и граѓаните со македонско потекло во Туркије се цврст меѓудржавен мост.
Тие споделија лични приказни коишто ги поврзуваат: амбасадорот Акташ укажа на своето македонско семејно потекло, а претседателката потсети дека е родена во турска куќа во Охрид.
На крајот, таа му посака успех во извршувањето на одговорната амбасадорска функција.
Новоназначениот амбасадор на Туркије оствари и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој му посака добредојде и успех во извршувањето на новата функција.
Гаши истакна дека Северна Македонија и Туркије негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, имаат вкоренети историски и културни врски, како и динамична соработка на сите нивоа.
„Двете држави одржуваат интензивна комуникација на високо ниво што значајно придонесува за унапредување на севкупните односи меѓу двете земји“, рече спикерот, кој ги потенцираше добрите и пријателски односи кои се пресликани и во плодната и успешна парламентарна соработка, почнувајќи од највисоко ниво, меѓу претседателите на парламенти, понатаму меѓу комисиите, групите за пријателство и соработка.
Амбасадорот Акташ истакна дека ќе се залага за зголемување на трговската размена меѓу двете држави, унапредување на соработка во областа на туризмот, инвестициите, како и реализација на инфраструктурни проекти.






















