Големата награда на Туркије (Гран при) во 2027 година ќе се врати во календарот на Формула 1 по шестгодишна пауза, а трката ќе се одржи во Истанбул од 1 до 3 октомври, соопшти Автомобилската спортска федерација на Туркије (ТОСФЕД), по објавата на календарот на Формула 1 за 2027 година.
Турското Гран при, кое по шест години повторно се враќа во календарот, ќе се одржи на патеката „ТОСФЕД Истанбул Парк“.
Викендот со трки ќе започне со тренинзите во петок, 1 октомври, по што во сабота, 2 октомври, ќе се одржат квалификациите.
Главната трка ќе се вози во недела, 3 октомври.
Од ТОСФЕД соопштија дека на официјалната веб-страница на настанот е достапна претрегистрација за продажбата на билети, како и за добивање официјални информации поврзани со турското Гран при.
Формула 1, пак, ги објави плановите сезоната 2027 да ја започне во Бахреин, и покрај неизвесноста околу преостанатите трки на Блискиот Исток за оваа година.
Календарот, објавен во средата, започнува со Големата награда на Бахреин на 14 март, а вклучува и трки во Саудиска Арабија, Катар и Абу Даби.
Овогодишните трки во Бахреин и Саудиска Арабија беа откажани поради војната на САД и Израел против Иран. Дополнителната трка во Малезија, закажана за следниот месец, ќе се одржи под ознаката „Голема награда на Бахреин“.
Големата награда на Катар на 29 ноември и завршната трка на сезоната, Големата награда на Абу Даби на 6 декември, остануваат во овогодишниот календар, иако Ф1 размислуваше за нивно преместување во Европа доколку не можат да се одржат на предвидените локации.
Сите четири земји-домаќини од Блискиот Исток имаат долгорочни договори со Ф1. Бахреин, исто така, е домаќин на предсезонските тестирања во февруари.





















