Граѓаните на Исланд на референдум, со тесно мнозинство од 52 отсто, викендов го отфрлија продолжувањето на преговорите за пристапување кон Европската унија.
Со тоа, островската држава формално се откажа од можноста да стане 28-ма членка на Унијата, што претставува значителен неуспех за владата на премиерката Кристин Фростадотир, која се залагаше за влез во унијата.
Јавниот сервис AРД во својата анализа наведува дека во кампањата доминирале две теми: стравот на исландските земјоделци од конкуренцијата од европскиот континент и неизбежното прашање за риболовот.
Преговорите меѓу Европската унија и северноатлантската островска нација беа прекинати пред 13 години поради несогласувања околу рибарскиот сектор, најважната гранка на исландската економија.
AРД посочува дека зад сето тоа стои моќно рибарско лоби, составено од десетина големи компании кои уште од 1980. години ги контролираат повеќето риболовни квоти на Исланд и од тоа стекнале огромно богатство. Рибарството сочинува околу 15% од БДП на Исланд и околу 40% од приходите од извоз.
Неодамнешните истражувања открија дека некои од овие компании вложиле значителни средства во кампања против приближувањето кон ЕУ. Покрај тоа, AРД ја спомнува и блискоста на рибарската индустрија со најголемиот дневен весник во Исланд, кој за време на кампањата служел како нивен политички гласноговорник.
На крајот, според AРД, стравот и желбата за суверенитет преовладале над аргументите на поддржувачите на членството.
Тие аргументи вклучувале надеж за поголема економска стабилност и дополнителна безбедност што би ја донело членството, особено во време кога доверливоста на САД, најважниот партнер на Исланд, е сè посомнителна.
Граѓаните одлучија дека засега не сакаат да го рестартираат процесот на пристапување, но одлуката не ги менува постојните односи на Исланд со ЕУ.
Оваа нордиска земја останува цврсто поврзана со европскиот блок преку низа договори и механизми за соработка, поради што е важно да се направи разлика помеѓу отфрлање на членството и отфрлање на европската интеграција за да се разберат резултатите од референдумот.
Исланд денес е дел од Европската економска зона (ЕЕА), Шенген зоната и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), а воедно е и членка-основач на НАТО. Преку ЕЕА, Исланд има пристап до единствениот пазар на ЕУ и применува многу од нејзините правила, додека членството во Шенген му овозможува да биде дел од европската зона на слободно движење.
ЕУ е најголемиот трговски партнер на Исланд. Според податоците од Европската комисија, во 2025 година, ЕУ учествувала со 53,6% во вкупната трговија со стоки на Исланд и била дестинација за 66,5% од извозот на Исланд.




















