Иван Гудељ, еден од најдобрите фудбалери на поранешна Југославија, почина на 67-годишна возраст, во болница во Загреб по компликации по тешка операција на канцер.
Тој беше капитен на сплитски Хајдук и на репрезентацијата на Југославија, најдобар фудбалер во земјата и член на идеалниот состав на Светското првенство во 1982 година во Шпанија, а кариерата ја заврши на само 26 години поради хепатитис Б.
Гудељ бил роден на 21 септември 1960 година во Имотски, а во Хајдук пристигнал како тинејџер.
Одиграл 362 натпревари за сплитскиот клуб и постигнал 93 гола, додека за југословенската репрезентација одигра 33 пати.
Како капитен, тој ја предводеше јуниорската репрезентација на Југославија на 2 јуни 1979 година во освојувањето на Европското првенство, а беше прогласен за најдобар играч на турнирот.
Беше член на југословенската репрезентација на Олимписките игри во 1980 година, Светското првенство во Шпанија во 1982 година и Европското првенство во 1984 година.
На Светското првенство во Шпанија беше избран во идеалниот тим на првенството, додека истата година беше прогласен за најдобар фудбалер на Југославија.
За време на натпреварот помеѓу Хајдук и Црвена Звезда на 13 септември 1986 година во Сплит, Гудељ почувствува голема слабост за време на натпреварот, по што падна на теренот.
Набрзо му беше дијагностициран хепатитис Б. Имаше само 26 години. Кариерата што требаше да продолжи во Реал Мадрид беше завршена.
По предвремениот крај на својата професионална кариера, тој остана во фудбалот, прво како тренер, а потоа како инструктор и селектор на јуниорските селекции на хрватската репрезентација.
Ги предводеше Приморац од Стобреч, Задар, австриски Ворвертс Штајр, Дубровник, како и селекциите до 16 и 17 години и хрватската репрезентација до 21 година.
Во свое време, Гудељ беше прототип на современ фудбалер, еден од ретките што можеа да играат во денешни услови. Уникатен по своите физички и ментални способности, пред сè по своето однесување и на теренот и во приватниот живот.























