Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, учествуваше на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност, организирана од Владата на Република Северна Македонија во соработка со UNFPA.
На вториот ден од работата на конференцијата, претседателот одржа говор во кој ја истакна важноста од третирањето на демографските предизвици како стратешки приоритет за долгорочниот развој на државата, потенцирајќи ја улогата на Собранието во креирањето одржливи и инклузивни политики.
Во својот говор, собранискиот спикер рече дека оваа конференција обработува еден од најдлабоките и најсуштинските предизвици за нашата иднина: демографската одржливост.
„Кога велам демографска одржливост, не мислам на демографијата како статистичко прашање, туку како директен показател за виталноста на државата, економската стабилност и општествената кохезија. Поради тоа, во Националната развојна стратегија 2024-2044, усвоена од Собранието, демографијата е поставена во центарот на креирањето политики, како една од шесте клучни стратешки области“, рече Гаши.
Според него, ва не е случајно, туку претставува одговор на реалностите што ги споделуваме со мнозинството земји од регионот и Европа.
„И нашата држава се соочува со јасни и предизвикувачки трендови: стареење на населението, намалување на наталитетот, намалување на работната сила, миграција на младите и концентрација на населението во урбаните средини. Овие структурни трансформации имаат директни импликации врз пазарот на труд, пензискиот систем, здравството и самата одржливост на економскиот развој“, смета Гаши.
Како што нагласи, во овој контекст, улогата на Собранието е клучна и незаменлива, и како законодавна институција која ја изготвува рамката за долгорочни политики, и како механизам за надзор кој гарантира нивно ефикасно спроведување.
Исто така, според Гаши, неговата улога како демократски форум е да изгради одржлив политички и социјален консензус за стратешките интереси како што е демографијата, кои мора да ги надминат изборните интереси.
„Демографскиот предизвик во нашата земја не е поврзан само со бројките, туку и со квалитетот на животот, што бара интегриран одговор и пристап. Нашиот пристап треба да биде насочен кон целосно искористување на потенцијалот на населението, преку инвестирање во човечкиот капитал, создавање реални можности за младите, зајакнување на улогата на жените и гарантирање достоинствени услови за сите категории на општеството. Затоа, сакам да ги поздравам организаторите на овој значаен настан, кој овозможува простор за материјализирање на пристапот“, нагласи тој во обраќањето на конференцијата.
Меѓу другого, Гаши потенцираше дека демографијата во суштина претставува прашање на доверба во иднината.
„Цицерон рекол: „Секој што фаворизира еден дел од граѓаните, а занемарува друг, ѝ го нанесува најголемото зло на заедницата.“ Затоа, наша одговорност е преку рационални политики и функционални институции да создадеме услови во кои сите граѓани, без исклучок, ќе изберат да живеат, да работат и да ги градат своите семејства во нашата земја“, рече Гаши и додаде:
„Во таа насока, ја потврдувам мојата лична посветеност и таа на Собранието да гарантира дека демографската димензија ќе остане во центарот на развојната агенда и дека политиките ќе бидат инклузивни и одржливи.“
















