Во организација на училиштата на турската фондација „Маариф“ (ТМВ) во Северна Македонија, во училишниот кампус во Тетово се одржа настан со кој се одбележа 12 Март - Денот на прифаќањето на турската национална химна и Денот на сеќавањето на поетот на татковината Мехмет Акиф Ерсој.
На настанот присуствуваше турскиот амабасадор во Северна Македонија Фатих Улусој, универзитетски професори, претставници на политичките партии, претставници на турските организации и институции во земјава, како и бројни ученици од училиштата „Маариф“ кои со пригодна програма насловена „Не плаши се, духот на младината е тука“, го одбележаа Денот на турската национална химна.
На почетокот на манифестацијата на присутните гости и учесници им се обрати претставникот на ТМВ во Северна Македонија, Осман Демирѓул, кој го изрази своето задоволство што го организираат денешниот настан во чест на сеќавањето на денот кога е прифатена турската национална химна, како и денот на кој се сеќаваат на поетот Мехмет Акиф Ерсој.
Свое обраќање пред присутните имаше и главниот извршен директор на Халкбанк во земјава, Д-р Фатих Шахбаз.
Во своето пригодно обраќање пред присутните, амбасадорот Улусој потсети дека турската национална химна е напишана од Мехмет Акиф пред 105 години, додавајќи дека тоа е „период кога нашата нација и армија под водство на гази Мустафа Кемал беа вклучени во борбата за опстанок.“
„Химната беше напишана како дел од натпревар организиран од Министерството за образование во тоа време. Со цел битката за независност да биде добиена со национален дух химната беше усвоена од Големото национално собрание на Туркије на 12 март 1921 година станувајќи симбол на нашата национална борба. Нашата химна претставуваше извор на посебна мотивација на нашиот народ кој и покрај сите тешкотии се мобилизираше за да ја спаси својата татковина. Имено, оваа химна, денес е национална химна на Република Туркије и на Турската Република Северен Кипар, додека Мехмет Акиф е познат како поет на татковината“, нагласи Улусој.
Обраќајќи се кон учениците, Улусој рече дека химната „не се однесува само на турскиот народ, туку таа претставува порака до сите народи на кои им се загрозува националниот суверенитет и се прават обиди да се наруши нивниот територијален интегритет.“
„Тоа е порака што започнува со зборот „не плаши се“ и завршува со потсетувањето дека независноста е едно право“, додаде Улусој.
Тој рече дека иако поминаа повеќе од 100 години од тој период, овие закани и денес остануваат актуелни за многу земји во светот.
„Затоа темата на овогодишното одбележување „Не плаши се, духот на младината е тука“ е многу симболична и значајна. Особено ме радува и нѐ прави горди што младите покажаа голем интерес за ликовните теми и есеи на темата „Не плаши се, духот на младината е тука“, организирани од училиштата Маариф кои во своите редови обединуваат млади од различни националности“, рече Улусој.
Меѓу другото, нагласи дека токму младите се тие што ќе ја зачуваат независноста, а младината ќе стои силна пред сите закани.
„Со духот на младината што ни дава сила, нашите знамиња ќе продолжат гордо да се веат. Им се заблаодарувам на сите ученици кои учествуваа на натпреварот додека упатувам честитки до сите добитници на награди. Со почит и благодарност се сеќаваме на нашиот поет на татковината“, потенцираше Улусој.
По пригодните обраќања, следуваше културна програма која ја подготвија учениците од училиштата на турската фондација „Маариф“ (ТМВ), а на крајот на победниците на ликовниот и литературниот конкурс им беа доделени награди и признанија.















