Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Алијансата е во „целосна солидарност“ со Романија откако руски дрон удри во станбена зграда во Галац и повреди две лица, нагласувајќи дека НАТО останува подготвен да брани „секој сантиметар“ од територијата на земјите-членки.
Во објава на социјалната мрежа X, Руте изјави дека разговарал со претседателот на Романија, Никушор Дан, и изразил сочувство до повредените во инцидентот.
Тој истакна дека НАТО продолжува да ја зајакнува својата подготвеност со цел да ги одврати и да се одбрани од сите закани, вклучително и нападите со беспилотни летала.
„Неодговорното однесување на Русија е опасност за сите нас. Тие продолжуваат да ги таргетираат цивилите и цивилната инфраструктура низ цела Украина. Уште еднаш се покажа дека последиците од нивната нелегална војна на агресија не запираат на границата“, рече Руте.
Тој додаде дека војната мора да заврши, како и, како што рече, непочитувањето на безбедноста на цивилите, со порака дека НАТО ќе продолжи да ги зајакнува своите одвраќања и одбрана, како и поддршката за Украина.
Утрово, дрон се урна во станбена зграда во градот Галац во Романија, по што следеше експлозија и пожар во стан на 10-тиот кат од зградата.
Две повредени лица се пренесени во локалниот центар за итни случаи.











