Полска нема да прифати нов европски безбедносен аранжман диктиран од Русија или од Соединетите Американски Држави без учество на европските влади, изјави премиерот Доналд Туск доцна синоќа, по јавувањата дека Вашингтон ја поканил Москва да предложи услови за иден безбедносен договор.
Говорејќи на самитот на Европската политичка заедница во Даблин, Туск предупреди да не се дозволи надворешни сили да ја прекројуваат безбедносната архитектура на Европа како дел од преговорите, со посредство на САД, за ставање крај на руската војна во Украина.
„Во никој случај нема да дозволиме некој да воспоставува нови безбедносни правила во овој дел од светот зад наш грб, без разлика дали станува збор за полски или европски интереси“, им рече Туск на новинарите. „Нема да градиме нова архитектура само затоа што рускиот претседател, или некој во САД, го сака тоа. Тоа воопшто не доаѓа предвид“, додаде тој.
Изјавите се дадени по веста на „Аксиос“ од средата, според која администрацијата на Трамп побарала од Русија да достави предлози за нов безбедносен договор со Европа, вклучително и барањата на Москва и реципрочните мерки за намалување на тензиите.
Како што се наведува, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер го изнеле овој предлог за време на преговорите во кои учествува руски и украински преговарачи во Абу Даби претходно оваа недела.
Русија долго време бара ограничувања за проширувањето на НАТО и за военото присуство на Алијансата во Источна Европа, вклучително и во земји како Полска, кои се приклучија кон НАТО по Студената војна.
Во декември 2021 година Москва побара НАТО да го прекине натамошното проширување и да го ограничи распоредувањето воени сили во земјите што биле примени во Алијансата по 1997 година. САД и НАТО ги отфрлија тие барања, пред Русија да ја започне својата целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Полска, која стана членка на НАТО во 1999 година, постојано се спротивставува на каков било договор што би ѝ дал на Москва влијание врз военото присуство на Алијансата или врз суверените безбедносни одлуки на европските држави.
Туск вчера потврди дека Полска не била поканета директно да учествува во разговорите со Русија и Украина, кои се одвиваат со посредство на САД. Претходно оваа недела полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави дека Пентагон позитивно одговорил на барањето на Варшава за постојана американска база, при што конечната одлука од Белата куќа се очекува во декември.






















