Израелските политички и безбедносни претставници го заменија терминот „доброволна миграција“ со „План за слободно движење“ кога станува збор за плановите за преселување на Палестинците од Појасот Газа, објави израелскиот Канал 13, во услови на меѓународна загриженост поради присилното раселување.
Повикувајќи се на неименувани информирани извори, Канал 13 наведе дека на надлежните органи, вклучително и безбедносните и разузнавачките институции, им биле дадени инструкции „повторно да се иницира планот користејќи јазик што би се сметал за поприфатлив на меѓународно ниво“.
Изворите вклучени во контактите со засегнатите земји „изразија оптимизам дека промената на терминологијата би можела да помогне во промената на ставовите на тие земји и да го оживее планот по претходните неуспеси“, додаде каналот.
Висок израелски официјален претставник, чие име не беше откриено, призна дека Хамас „сè уште постои“ во Појасот Газа и дека Израел се обидува да поттикне „колку што е можно повеќе Палестинци од Газа“ да заминат.
Во април, израелскиот весник „Хаарец“ објави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја задолжил советничката за меѓународни прашања, Каролин Глик, да ги унапреди плановите за преселување на Палестинците, што вклучувало контакти со отцепениот регион Сомалиленд и Демократска Република Конго, иако тие напори не дадоа резултат.
Во декември 2025 година Канал 12 објави дека израелските безбедносни структури ѝ претставиле на Владата план за иселување на Палестинците од Газа по копнен, морски и воздушен пат, меѓутоа, во разговорите со неколку земји не се постигна конкретен договор.
Израел постојано го оправдува раселувањето на Палестинците со терминот „доброволна миграција“, додека континуираната војна, масовните уништувања и заострената блокада на Појасот Газа предизвикаа постојани предупредувања од Палестинската самоуправа, Хамас и арапските држави дека станува збор за присилно раселување.
Во геноцидната војна на Израел во Газа од октомври 2023 година загинаа над 73.000 Палестинци, повредени се повеќе од 173.000, а предизвикано е огромно уништување на околу 90 отсто од инфраструктурата на енклавата.












