Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес изјави дека Иран е единствено одговорен за повторното отворање на Ормускиот Теснец и дека секое странско мешање може дополнително да го комплицира процесот и да ги продолжи тензиите.
Зборувајќи на прес-конференција во Багдад со својот ирачки колега Фуад Хусеин, Арагчи рече дека процесот се одвива во согласност со меморандумот за разбирање меѓу Техеран и Вашингтон, според кој теснецот треба да се врати на својот предвоен капацитет во рок од 30 дена, објави „Прес ТВ“.
Тој изјави дека одговорноста за спроведување на договорените аранжмани е на Иран и дека секој обид за промена на договорот или воведување нови механизми ќе доведе до одложувања во повторното воспоставување на целосен сообраќај преку стратешкиот воден пат.
Арагчи предупреди дека Ормускиот Теснец не смее да стане предмет на дополнителни политички притисоци и дека тоа само ќе ја влоши ситуацијата.
Ормускиот Теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, е под зголемена тензија по претходните конфликти во регионот и ограничувањата на поморскиот сообраќај.
Иранскиот министер за надворешни работи му се заблагодари на Ирак за, како што рече, солидарноста со Иран за време на претходните кризи и го критикуваше продолжувањето на израелските напади врз Либан.
Арагчи, исто така изјави дека Техеран е подготвен да соработува со земјите од Заливот на регионална безбедносна рамка.
Зборувајќи за време на состанокот со ирачкиот советник за национална безбедност, Касим ал-Абуди, Арагчи рече дека земјите од Заливот треба да извлечат поуки од последните месеци и заеднички да ја обликуваат идната безбедносна архитектура на регионот.
Тој додаде дека секоја рамка треба да вклучува и економска соработка и да го исклучи присуството на странски воени сили.











