Настанот „Отворив очиња – видов ден“ се одржа вчера во Велес во организација на ЈЗУ Општа болница Велес како иницијатива на здравствените работници од Гинеколошко – акушерското одделение. Посветен е на родителството, на новиот живот и на најубавите моменти од создавањето на едно семејство.
Од велешката Општа болница истакнуваат дека идејата за овој настан произлезе од долгогодишното професионално искуство на здравствените работници од Гинеколошко-акушерското одделение, кои секојдневно се сведоци на најубавите моменти од животот – првиот плач, првиот поглед и првата прегратка меѓу мајката и новороденчето.
„Нивната работа не е само професионална обврска, туку и привилегија да бидат дел од моментите кога започнуваат нови животни приказни на семејствата,“ велат од оттаму.
Посочуваат дека токму од желбата тие приказни да бидат одбележани и споделени со пошироката заедница, се роди иницијативата „Отворив очиња – видов ден“, која ја реализираат како настан кој има за цел да ја слави убавината на родителството, љубовта и новиот живот, но и да создаде нова велешка традиција која ќе ги обединува семејствата и сите оние кои придонесуваат во грижата за мајките и новороденчињата.
Од велешката болница посочија дека собирот е наменет на здравствените работници од Гинеколошко-акушерското одделение и семејствата кои учествувале во програмата „Подготовка за раѓање“, успешно се реализира во рамки на одделението во изминатите две години.
Истакнуваат дека дефилето симболично го претставува патувањето од бременоста, преку породувањето, до првата прегратка и првите моменти на родителството.
Главниот дел на настанот „Отворив очиња – видов ден“ се одржа во Младинскиот парк, каде за учесниците и сите посетители беше организирана двочасовна програма исполнета со музика, дружење, детска анимација, фотографирање и изненадувања за најмладите и нивните семејства.
„Настанот е поддржан од Општина Велес, како и од повеќе партнери и спонзори кои ја препознаа важноста на промоцијата на семејните вредности, родителството и грижата за најмладите. Како здравствена установа која секојдневно учествува во создавањето на нов живот, ЈЗУ Општа болница Велес останува посветена на поддршката на мајките, новороденчињата и нивните семејства. Веруваме дека секоја насмевка, секој убав спомен и секое семејство кое ќе понесе дел од атмосферата на овој ден ќе биде потврда дека заедно сме создале нешто вредно и трајно за нашата локална заедница,“ соопшти Општа болница Велес.














