Цената на дизелот ќе се намали, а цената на бензините ќе се зголеми од ноќеска на полноќ, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
РКЕ донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,27% во однос на одлуката од 22.6.2026 година.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек: кај бензините за 0,243%, кај дизелот за 2,183%, кај екстра лесното масло за 1,907% и кај мазутот намалувањето е за 4,388%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,5132%“, рекоа од РКЕ.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 80 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС- 95 ќе се продава за 84,5, а ЕУРОСУПЕР БС- 98 за 86,5 денари за литар. Цената на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) не се менува и останува 79,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,796 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 41,495 денари.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 денари за литар, а малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 денари за литар.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.6.2026 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека и со последното нивелрирање на цените повторно остануваме најевтината земја кога станува збор за цените на горивата.
Тој повтори дека ќе мора да се прават промени во акцизната политика затоа што сме, посочи, единствениот случај каде што дизел горивото е поевтино од безоловниот бензин.
„Нека се стабилизира кризата, нека легнат работите. Мислам дека акцизите треба за едните и за другите горива да се нивелираат, со тоа што едните ќе се намалат, а другите ќе се зголемат. Такво е искуството и примерот во сите соседни земји, никаде немаме толку драматично поевтин дизел отколку што е безоловниот бензин. Секаде во принцип дизелот е поскап и тоа многу поскап од безоловниот бензин. Нека легнат работите, нека конечно дојде очекуваниот мир и да почнеме да размислуваме во таа насока“, изјави Мицкоски.















