Една од работите што ми се многу важни, и како претседател на Собранието, и како пратеник, и како граѓанин на оваа држава, е да го подигнеме достоинството на Собранието и на институцијата пратеник. За жал, таа позиција е дерогирана на прилично високо ниво и тоа не е во ничија корист - изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во однос на ниското ниво на доверба во Собранието, што годинава, според Институтот за демократија, изнесува 2,7 проценти, како и загрижувачкото уверување дека пратениците повеќе ги застапуваат сопствените и партиските интереси отколку интересите на граѓаните, Гаши рече дека се свесни за оваа перцепција и оти за подобрување на состојбите треба да придонесат сите, а промената на изборниот модел и отворените листи, за кои рече дека лично тој се залага, според него, сами по себе не се гаранција за тоа.
„Додека сум претседател на Собранието и пратеник, а и кога нема да бидам, секогаш ќе работам на подигнување на достоинството на Собранието и на функцијата пратеник затоа што сум убеден дека на тој начин најдобро ѝ помагам и на државата и на зајакнувањето на нејзините институционални капацитети. Тоа е чин на државност. Затоа мислам дека со тоа што сме склони да напаѓаме сѐ што прават пратениците не ѝ правиме услуга на државата. Не велам дека граѓаните не треба да нѐ критикуваат. Напротив, ние сме отворени за критика. Апсолутно се залагам за максимална транспарентност. Сите пленарни седници и комисиски расправи се трудиме да бидат транспарентни. Покрај пленарните седници и односот кон граѓаните и новинарите, освен што имавме месечни брифинзи, воведовме и редовни неделни брифинзи со новинарите. Значи, се обидуваме максимално да бидеме транспарентни. Но, многу често позитивните работи што се случуваат во Собранието не допираат до граѓаните. Тоа не е добро. Ви тврдам дека, сепак, на крајот на краиштата, Собранието е вистинската слика на државата. Пратениците се избрани од народот. Ако кажеме нешто за пратениците, зборуваме и за државата и за народот“, рече Гаши во телевизиско интервју.
Нагласувајќи дека и тој лично се залага за отворени листи, потенцира дека смета оти само со нивното воведување драстично нема да се промени политичката култура во државата.
„Имаме многу држави каде што се применува овој модел, а не може да се каже дека дава којзнае какви резултати. Затоа не мислам дека сѐ зависи од изборниот модел. Сето тоа зависи од повеќе фактори и сите тие треба да бидат усогласени и да дејствуваат кохезивно во насока на подигнување на политичката култура во државата, а генерално и на вкупната култура во општеството. Апсолутно, не сакам да избегнам одговорност и не сакам да ме сфатите погрешно, но како прв меѓу еднаквите што ја води оваа институција, ќе се борам до крај за достоинството на секој пратеник и на институцијата пратеник затоа што сметам дека тоа е државнички чин и е во интерес на граѓаните“, додаде Гаши.
За тоа зошто на неговиот двегодишен отчет за сработеното на оваа позиција не присуствуваа пратениците од опозицијата, изјави дека тие уредно биле поканети, биле на координацијата со него, но дека така одлучиле и оти, според него, тоа е нешто што е карактеристично за македонската политичка култура. Гаши истакна дека има добри односи со координаторите на сите пратенички групи, а за предлог-законот за правична застапенот рече дека тоа е закон со кој, конечно, едно уставно начело ќе биде законски регулирано.
За полагањето на правосудниот испит на албански јазик, рече дека тоа е праведно и коректно бидејќи ако еден студент студирал на еден јазик, треба да може да го полага испитот за знаењето што го стекнал на тој јазик.
„Еден студент, кој завршил правен факултет во државата на албански јазик, на државен универзитет, целата терминологија што ја научил, ако го испитувате или го ставите на тест за знаење на друг јазик, поради непознавање на терминологијата, може да биде во неповолна положба“, смета Гаши и додава дека не е лесно да се совлада која било професионална терминологија, не само правната, како и дека со самото полагање на овој испит не се станува судија или јавен обвинител.
„И јас сум апсолутно на ставот дека во судската постапка, а и според нашиот Устав каков што е сега, македонскиот јазик останува единствениот службен јазик во судската процедура. Тој не се загрозува со полагањето на правосудниот испит на албански јазик ниту, пак, се загрозува судската постапка“, додаде Гаши.
Претседателот на Собранието истакна дека ќе има креативно решение, кое ќе ги исполни и барањата на студентите Албанци што студирале на својот мајчин јазик, а истовремено ќе бидат коректни и кон квалитетот на судските постапки, кои, како што рече, и онака трпат не само поради јазичните прашања туку и поради многу други проблеми.
За тоа дали има најава кога ќе се разговара за реконструкција на Владата, Гаши рече дека тој е посветен на Собранието, а реконструкцијата е работа на премиерот.
„Кога ќе одлучи да направи реконструкција, ќе ја предложи, а во моментот кога ќе ја предложи, јас ќе се залагам тој процес да тече на најдобар можен начин“, изјави Гаши.
Во врска со можност за предвремени избори, Гаши нагласи дека неговиот став, принципиелно, отсекогаш бил ист, и кога бил во опозиција и кога е на власт - „треба да имаме редовни избори“.

















