Осум затвореници загинаа во четвртокот во два одделни немири во затвори во еквадорските провинции Котопакси и Пичинча, кои се наоѓаат во планинскиот регион на Андите. Ова го соопшти државната служба надлежна за затворскиот систем.
Во соопштение објавено на социјалната мрежа „X“, Националната служба за сеопфатна грижа за возрасни лица лишени од слобода и малолетни престапници (SNAI) наведе дека четворица затвореници загинале во затвор во Латакунга, додека други четворица биле убиени во затворот „Ел Инка“ во Кито.
Од службата информираа дека во инцидентите се повредени уште 10 лица, кои во моментов добиваат медицинска помош.
Властите ги идентификувале лицата за кои постои сомневање дека учествувале во немирите и планираат да ги префрлат во „Ел Енкуентро“ – затвор со максимално ниво на безбедност, лоциран во крајбрежната провинција Санта Елена, додадоа од службата.
Исто така, беше соопштено дека припадници на безбедносните сили спроведуваат операции во погодените објекти со цел повторно воспоставување на редот.
Затворите во Еквадор станаа жаришта на насилство, при што во смртоносни судири меѓу ривалски криминални банди, почнувајќи од 2021 година, се случија низа масакри во кои животот го загубија десетици луѓе.


















