Силен земјотрес со магнитуда од 6,2 степени денес го погоди јапонскиот остров Хокаидо, но националната метеоролошка служба не издаде предупредување за цунами, јавува агенцијата Кјодо.
Земјотресот, кој се случи во раните утрински часови, беше со јачина над 5 степени според јапонската сеизмичка скала од 7 во регионот Токачи на северниот главен остров. Според Јапонската метеоролошка агенција, потресот се случил на длабочина од околу 83 километри (51 милји).
Магнитуда над 5 степени се опишува како ниво при кое луѓето тешко може да одат без да се држат за нешто.
Засега нема информации за повредени лица или за предизвикана материјална штета на инфраструктурата.
Надлежните власти соопштија дека не се забележани никакви дефекти во нуклеарната централа Томари.
Дел од локалните железнички услуги на Хокаидо по должината на Тихиот Океан беа во прекин, но брзите возови „Хокаидо Шинкансен“ сообраќаат вообичаено.
Земјотресот се случи во текот на еднонеделното предупредување од метеоролошката агенција за зголемен ризик од силен потрес, по земјотресот со магнитуда од 7,7 степени што ја погоди североисточната јапонска префектура Аомори пред една недела.
Хокаидо е меѓу седумте области каде што е препорачана претпазливост.














