Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи воведување нови увозни царини од 10% и 12,5% за производи од 60 земји, вклучувајќи ја и Европската Унија, како дел од мерките за спречување на трговија поврзана со принудна работа.
Предлогот е поднесен од Канцеларијата на американскиот трговски претставник (УСTР) во рамки на истрага за нефер трговски практики согласно Член 301 од американското трговско законодавство.
Според предлогот, царина од 10% би се применувала за увоз од ЕУ, Велика Британија, Канада, Мексико, Тајван, Малезија, Бангладеш и други земји, додека за дополнителни 45 држави се предлага стапка од 12,5 проценти.
Од УСTР посочуваат дека мерката има за цел да обезбеди поправедни услови за американските компании и работници, оценувајќи дека увозот на производи произведени со принудна работа создава нелојална конкуренција на американскиот пазар.
Истовремено, одредени категории производи ќе бидат изземени од новите царини, меѓу кои енергенси, ретки минерали, фармацевтски производи, органски хемикалии, делови за авиони, како и дел од земјоделските производи.
Во понеделник, УСТР предложи царина од 25% за многу бразилски производи како резултат на истрагата по Член 301 за практиките за дигитална трговија и преференцијалните царини на земјата. Се очекува трговската агенција наскоро да ги објави наодите од уште една голема истрага според истиот член, за зголемувањето на вишокот индустриски капацитет кај 16 трговски партнери, вклучувајќи ја и Кина.
Новите трговски мерки доаѓаат во период на засилени глобални трговски тензии и би можеле дополнително да влијаат врз меѓународните синџири на снабдување, цените на производите и економските односи меѓу САД и нивните најголеми трговски партнери.












