rz
Првата посета на германски канцелар на Црна Гора беше оценета како историски момент во односите меѓу двете земји, како и силна потврда за важноста на самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Тиват.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ѝ честиташе на Црна Гора за успешната организација на меѓународниот собир, нагласувајќи ја важноста на настанот за регионалната и европската соработка.
Посетата ги потврди пријателските односи меѓу Црна Гора и Германија, нивниот сојуз во рамките на НАТО и силната поддршка на Берлин за европскиот пат на Подгорица, изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ на социјалните мрежи.
„Црна Гора останува меѓу лидерите во процесот на проширување на Европската Унија, со цел да стане првата следна членка на ЕУ до 2028 година“, рече Милатовиќ по средбата со Мерц.
Самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан ќе се одржи на 4 и 5 јуни во Тиват, Црна Гора, под слоганот „Споделен просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а главна тема на самитот ќе биде проширувањето на ЕУ.
Состанокот го води претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој оваа недела беше во посета на регионот.
Домаќин на самитот е црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, а присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Како што најави Европската комисија, лидерите на Западен Балкан и ЕУ ќе разговараат за проширувањето и Агендата за раст. Се очекува ЕУ да ја повтори својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан.
Самитот е дел од спроведувањето на Стратешката агенда на Европскиот совет 2024-2029.
Самитите ЕУ-Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот се одржа во Брисел во декември 2025 година.
Црна Гора распореди околу 1.500 полицајци за да ја обезбедат безбедноста на учесниците на самитот.













