Израел ја предупредил американската влада дека Иран наводно планира да го убие претседателот Доналд Трамп, објавија во четвртокот Си-Ен-Ен и Вол Стрит Џурнал, повикувајќи се на неименувани извори.
Според извештаите, иранското раководство неодамна составило план, чии детали сè уште не се познати.
Американската администрација често добивала слични предупредувања во последните недели, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски функционер.
Сепак, израелското предупредување е ново и вклучува специфичен план за атентат, рекол функционерот.
Друг американски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека предупредувањето може да биде и обид да се влијае на одлуките на Доналд Трамп за војна со Иран.
Потсетувајќи дека Иран со години ветува дека ќе му се одмазди на Трамп за атентатот на Касем Солејмани, командантот на силите Кудс на Исламската револуционерна гарда, на 3 јануари 2020 година, Вол Стрит Џурнал во извештајот вели дека новите разузнавачки информации би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран.
Израелската амбасада во Вашингтон наводно одбила да коментира, додека мисијата на Иран во Обединетите нации не одговорила веднаш на барањето за коментар.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна инсистираше на поцврст став кон Техеран и се судри со Трамп околу ова прашање.
Трамп ги поттикна шпекулациите за безбедносните проблеми откако не го користеше новиот Ер Форс 1 како што се очекуваше на повратниот лет од самитот на НАТО во Анкара.
„Јас сум првиот на списокот за отстрел на Иран“ рече тој, без дополнително објаснување.





















