Европската централна банка (ЕЦБ) ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 2,5%, во обид да го ограничи растот на инфлацијата предизвикан главно од повисоките цени на енергенсите.
Ова годинава е второ зголемување на каматната стапка по која комерцијалните банки позајмуваат пари од ЕЦБ и според која се одредува нивото на каматите кои тие им ги наплатуваат на граѓаните и компаниите.
Одлуката доаѓа во период кога цените на нафтата и природниот гас нагло растат поради конфликтот во Иран. Инфлацијата во еврозоната минатиот месец надмина 3%, значително над целта на ЕЦБ од 2%.
Според Ројтерс, ЕЦБ сега очекува просечната инфлација во еврозоната да достигне 3% во 2026 година, а во 2027 година да изнесува околу 2,5%. Енергетскиот шок веќе директно се чувствува на пазарите.
Цената на глобалната сурова нафта Брент повторно се искачи над 100 долари за барел, додека зголемените трошоци за гориво се прелеваат врз транспортот, производството и домаќинствата.
Повисоките цени на енергијата значат и поскап бензин и дизел, но и повисоки трошоци за греење и производство.
ЕЦБ предупредува дека изгледите остануваат многу неизвесни, со ризик инфлацијата да продолжи да расте доколку високите енергетски цени се задржат подолг период.
Иако зголемувањето на 2,5% беше очекувано од финансиските пазари, инвеститорите веќе пресметуваат можност за дополнителни зголемувања на каматите. Ројтерс објавува дека пазарите очекуваат ЕЦБ да продолжи со затегнување на монетарната политика доколку инфлациските притисоци не се намалат.
Сепак, централната банка се соочува со тешка задача: повисоките камати треба да ја ограничат инфлацијата, но истовремено можат да го забават економскиот раст и да ги поскапат кредитите за граѓаните и компаниите.
И покрај инфлацискиот притисок, ЕЦБ малку ја подобри прогнозата за економскиот раст во еврозоната. Банката сега очекува раст од 0,9% во 2026 година, наместо претходно проектираните 0,8%.
Високите цени на енергијата остануваат сериозен ризик, особено со приближувањето на зимата и потребата од дополнително снабдување со природен гас.
За граѓаните, одлуката на ЕЦБ практично значи дека периодот на евтини кредити не се враќа брзо, а доколку инфлацијата продолжи да расте, можно е европската монетарна политика да стане уште построга.
Сепак, најлошото сценарио предвидува посилни и подолготрајни ценовни шокови на енергетските пазари, со поизразени индиректни и секундарни ефекти. Под такви услови, инфлацијата во еврозоната би изнесувала 4,0% оваа година и 5,3% во 2027 година. Основната инфлација, исто така, значително би се забрзала, при што повисоките цени на енергијата би се пренеле на цените и платите.
Според ова сценарио, економијата на еврозоната би забавила на само 0,5% оваа година, со негативни стапки на раст во периодот од јули до декември, откриле експертите. Во 2027 година, активноста би ослабела на 0,4%, со закрепнување во 2028 година, според прогнозирана стапка на раст од 1,6%.























