Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека пуштањето во употреба на модулите три и четири од Државниот центар за податоци во Крагуевац и активирањето на новиот суперкомпјутер е историски момент за дигиталната инфраструктура на Србија, како и дека ќе продолжат понатамошните инвестиции во оваа област.
„Денес го лансиравме вториот суперкомпјутер базиран на најновите графички процесори, вреден пет милиони евра и седум пати побрз од првиот суперкомпјутер. Наскоро, како што реков, ќе му се придружи и третиот, многу поскап, кој беше имплементиран врз основа на меѓувладин договор со Франција. Ова ни носи дополнителни 8 мегавати енергетски капацитет, со што достигнавме вкупно 14 мегавати. Планираме инвестициска вредност од 40 милиони евра, а досега таа инвестиција надмина 100 милиони евра. Тоа ја покажува решителноста на државата Србија и долгорочната визија за изградба на суверена инфраструктура“, рече Вучиќ во Државниот центар за податоци во Крагуевац, каде што присуствуваше на пуштањето во употреба на нови модули, нов суперкомпјутер и соларни панели.
Тој изјави дека посебна причина за гордост е фактот што Центарот за податоци го има највисокиот европски сертификат Класа четири издаден од германската куќа за сертификација, што значи дека центарот е единствен во овој дел од Европа, и рамноправен член на елитен клуб од само десет вакви објекти во цела Европа.
Вучиќ истакна дека она што го има Србија во центарот за податоци, никој во регионот го нема и дека во овој поглед само Полска може да се спореди со Србија, како и оти многу побогати држави се зад Србија по ова прашање.
„И не можевме да го направиме тоа без нашите американски партнери, не можевме да го направиме тоа без Нвидиa, не можевме да го направиме тоа без нивно знаење, но сум благодарен што дури и денес можев да видам многу професори, студенти, исклучителни луѓе кои се вклучија во најважните промени што создаваат поинаква иднина за нас, поголема безбедност, можност за преживување во иднина и кои придонесуваат со своето знаење Србија да биде во чекор со најразвиениот дел од светот“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека државата позитивно ќе одговори на иницијативата за создавање факултет за роботика и информатичка технологија во рамките на Центарот за податоци во Крагуевац.
























