Грчките власти денес соопштија дека 12 мигранти се пронајдени мртви, а околу 105 лица се спасени во три одделни операции кај јужниот брег на островот Крит.
Според грчкиот весник Катимерини, во најсериозниот инцидент, контејнерски брод со мароканско знаме забележал брод со мигранти на околу 28 километри југоисточно од Кали Лименес.
Брод на грчката крајбрежна стража се упатил кон местото на настанот, каде што биле спасени 18 преживеани, а телата на 12 лица биле пронајдени.
Во два одделни инциденти, бродови што превезувале 47 и 40 мигранти биле забележани на приближно 56 и 57 километри јужно од Кали Лименес.
Воздушните средства на Фронтекс, вклучувајќи летала со и без екипаж, помогнале во лоцирањето на бродот.
Бродовите на Фронтекс спасиле вкупно 87 мигранти, за кои се очекува да бидат префрлени во пристаништето Кали Лименес.
Со овие инциденти вкупниот број на спасени мигранти во трите операции се искачи на околу 105.




















