Иран им предложил план на САД за повторно отворање на Ормускиот Tеснец, изјави во петокот иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, според кој разговорите меѓу двете земји ќе продолжат.
Абас Арагчи им изјави на новинарите на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации дека им го доставил седумдневниот план на САД преку медијатор, објавија американските медиуми.
„Ние им презентиравме план на САД преку медијатор, според кој, доколку се исполнат одредени услови, Ормускиот Tеснец ќе биде отворен на крајот од седмиот ден и преговорите ќе продолжат“, рече Арагчи.
Тој одби да даде детали за условите, но рече дека тие не се „ништо повеќе“ од она за што двете земји се согласија во јуни.
Официјален претставник на Белата куќа изјави за Си-Ен-Ен дека се водат „позитивни и конструктивни дискусии“ преку медијаторот.
Претставници на САД и Иран во вторникот одржаа разговори на маргините на Генералното собрание на ОН, први вакви преговори меѓу двете земји за неколку месеци.




















