Тајна процена на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) предупредува дека продлабочувањето на политичките, економските и општествените поделби би можело да го доведе Израел во опасност од граѓанска војна или распад на државата, објави сајтот „Дроп“.
Процената „Распад одвнатре“ била подготвена во август од страна на „Црвената ќелија“ на ЦИА, единица задолжена за анализа на разузнавачките претпоставки, објави „Дроп“, повикувајќи се на двајца американски извори запознаени со нејзината содржина.
ЦИА не одговори на барањето на медиумот за коментар.
Во процената се наведува дека Израел се соочува со нестабилна комбинација на притисоци во пресрет на изборите на 27 октомври, меѓу кои економскиот притисок, зголемените воени трошоци, незадоволството поради ослободувањето на ултраортодоксните Евреи од задолжителниот воен рок и ескалацијата на насилството од страна на израелските доселеници на окупираниот Западен Брег.
Како дополнителен извор на политички и уставни тензии се наведува и борбата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да остане на власт.
Годините на војни во Газа, Либан и Иран ги продлабочиле постојните поделби, се наведува во извештајот, додавајќи дека војниците се враќаат од долготрајните борбени ангажмани, при што многумина страдаат од сериозна психолошка траума.
Спорот околу задолжителниот воен рок се издвојува како една од најострите внатрешни поделби во Израел, при што расте незадоволството поради ослободувањето на ултраортодоксните мажи од воената обврска по повеќекратните мобилизации на резервистите.
Процената, исто така, укажува дека растечката меѓународна изолација на Израел, вклучително и намалената поддршка во САД, претставува уште еден фактор што би можел да ја продлабочи внатрешната нестабилност.





















