| Macedonian
СПОРТ
3 мин читање
Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и Чеферин е силен поттик за реформите и развојот на македонскиот фудбал
Во рамките на посетата Чеферин се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, а по посетата на Владата Омерагиќ и претседателот на УЕФА остварија работна средба во Куќата на фудбалот
Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и Чеферин е силен поттик за реформите и развојот на македонскиот фудбал
Првиот човек на ФФМ, му подари на Чеферин македонски шарпланинец, уметничко дело од Лазар Личеноски и дрес на репрезентацијата со број 23 / Others
пред 4 часа

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денес престојуваше во официјална посета на ФФМ, на покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ.

Чеферин го придружуваа директорот за национални асоцијации во УЕФА, Зоран Лаковиќ, како и раководителот за развој на национални асоцијации во УЕФА, Денис Бастари.

Како што соопшти ФФМ, Омерагиќ ја истакнал важноста на посетата, особено во поттикнувањето на реформите и развојот на македонскиот фудбал во изминатиот период.

„Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ, истакна дека Александар Чеферин со знаење, храброст и одлучност го води европскиот фудбал низ големи предизвици во изминатите години.

„Сите сме уверени дека и понатаму, на ист начин како досега, ќе го штити и развива европскиот фудбал. Се покажа како личност која е способна истовремено комерцијално да ги развива елитните натпреварувања на УЕФА, од Лигата на шампионите до Европското првенство, а истовремено да ја чува базата и да инвестира во развојот на фудбалот низ цела Европа. Горди сме на одличната соработка на нашата федерација со УЕФА“, истакна Омерагиќ.

Во рамките на посетата Чеферин оствари средба и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.

На средбата се разговараше за идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.

“Убеден сум дека оваа средба ќе придонесе за продлабочување на соработката преку нови конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот во Македонија на сите нивоа. Продолжуваме посветено да работиме за развој на македонскиот спорт и создавање услови за нови успеси”, истакна Ристовски по денешната средба со првиот човек на УЕФА.

По посетата на Владата се одржа и работна средба во “Куќата на фудбалот“.

Таму покрај конструктивните разговори на Омерагиќ и Чеферин, претседателот на ФИФА се запозна и со “Куќата на фудбалот“, а Омерагиќ како добар домаќин од името на ФФМ, му подари на Словенецот македонски шарпланинец. Уникатен подарок од кој Чеферин беше воодушевен.

Омерагиќ лично му подари слика од Лазар Личеноски, а Чеферин од ФФМ доби и дрес на Македонија со бр.23.

Од ФФМ информираат дека утре од 18 часот на социјалните мрежи на федерацијата ќе може да го види интервјуто со претседателот на УЕФА, во кое Словенецот дава одговори и на прашањето за работата на ФФМ и претседателот Омерагиќ.

„Што се однесува до Масар, тој својата работа ја извршува беспрекорно. Ние имаме навистина целосна контрола врз сите сојузи. Можеби сум малку субјективен бидејќи тој ми е пријател, но објективно, како претседател на УЕФА, мора да кажам дека сум исклучително задоволен“ истакнал Чеферин.

Повеќе
Почина Душко Вујошевиќ, еден од најголемите кошаркарски тренери во регионот
Лига на шампиони: Реал го пречекува Баерн, Арсенал против Спортинг во Лисабон
Чеферин: Ако стадионите не бидат подготвени, нема да има ЕУРО во Италија
Пласманот на Босна и Херцеговина на Светското првенство 2026 се славеше и во Скопје
Познати сите 48 учесници на Светското фудбалско првенство
Македонските фудбалери поразени во Данска, Косово и БиХ остануваат во игра за пласман на Мундијалот
Иран им забрани на своите спортисти да патуваат во „непријателски земји“
Туркије на чекор до пласман на Мундијалот по победата против Романија
Седлоски: Имаме што да покажеме против силната Данска
Салах во јуни го напушта Ливерпул
Чешка: Десетици уапсени за местење фудбалски натпревари и корупција
Инфантино: Фудбалот е клучен во промовирањето на мирот, Мундијалот да се одржи според распоредот
Дебакл на Њукасл во Барселона, Галатасарај остана без четвртфинале во Лигата на шампионите
Реал, ПСЖ, Арсенал и Спортинг првите четвртфиналисти во Лигата на шампионите
Иран преговора со ФИФА натпреварите од Мундијалот да ги игра во Мексико наместо во САД
ФИФА ги разгледува опциите откако Иран најави повлекување од Светското првенство
Иран нема да учествува на светското првенство во фудбал чии ко-домаќини се САД
Продолжува Лигата на шампионите- ПСЖ го пречекува Челзи, Реал Мадрид против Сити во осминафиналето
УЕФА: „Финалисима“ не мрда од Доха
Младите македонски спортисити стануваат дел од Плазма Спортските игри на младите