Ситуацијата на глобалните пазари на нафта брзо се влошува поради нестабилноста во Персискиот Залив, при што големи количества нафта се повлекуваат од меѓународното снабдување, изјави Дмитриј Песков портпарол на Кремљ.
„Само поради прекинот во работата на нафтоводот во Саудиска Арабија, глобалниот пазар изгуби повеќе од четири проценти од светските залихи. Ова неизбежно има многу сериозни последици и предизвикува загриженост кај светските економии“, рече тој.
Песков изјави дека Русија вовела забрана за извоз на нафтени деривати за да обезбеди доволни залихи за домашниот пазар.
„Откако нашиот домашен пазар ќе биде сигурно снабден, ќе се разгледа прашањето за укинување на таквата забрана, а потоа дополнителните количества [на нафтени деривати] ќе бидат пренасочени кон глобалните пазари“, истакна тој.
Песков додаде дека повлекувањето на руските нафтени деривати од меѓународниот извоз исто така влијае на глобалните пазари.
Овие изјави доаѓаат во момент кога саудискиот нафтовод „Исток-Запад“ сè уште е затворен по извршениот напад, што се заканува со дополнително намалување на глобалните залихи и раст на цените на енергенсите. Тој нафтовод транспортираше меѓу четири и пет милиони барели дневно, што претставува приближно четири до пет проценти од глобалното снабдување.

























