Маргарет Хамилтон, пионер во областа на компјутерските науки од МИТ, чиј софтвер помогна да се претвори еден потенцијално катастрофален компјутерски дефект во успешно слетување на „Аполо 11“ на Месечината, почина на 30 септември на 90-годишна возраст, објави во средата Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).
Нејзината работа помогна да се воспостави софтверското инженерство како посебна област во компјутерските науки, оставајќи наследство што се протегаше далеку надвор од рамките на програмата „Аполо“.
Таа е автор на повеќе од 130 публикации и работела на МИТ од 1959 година до средината на 1970-тите, пред да започне кариера како технолошки претприемач и извршен директор.
Во време кога термините како „софтверски инженер“ и „компјутерски научник“ сè уште не биле широко распространети, Хамилтон учела програмирање под менторство на истакнат метеоролог од МИТ.
Подоцна таа ги усовршила своите вештини во лабораторија на МИТ, каде што работела на софтвер дизајниран за откривање непријателски авиони.
Кога МИТ доби договор од НАСА за развој на софтвер за вселенските летала „Аполо“, Хамилтон видела можност да работи на нешто што претходно никогаш не било направено.
„Ме привлече самата идеја, како и фактот дека тоа никогаш претходно не било направено. Бев првиот програмер што се приклучи и првата жена што ја ангажираа“, изјави таа за „Гардијан“ во 2019 година.
Нејзината работа станала особено важна за време на слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината во 1969 година.
Само неколку минути пред вселенското летало да треба да слета на површината на Месечината, компјутерот во леталото почнал да испраќа сигнали за тревога, создавајќи можност мисијата да биде прекината.
Сепак, леталото го продолжило своето спуштање.
Софтверот развиен од Хамилтон и нејзиниот тим бил дизајниран да го препознае проблемот, да им даде приоритет на критичните задачи и да се справи со грешката без да ја прекине мисијата. „Набрзо стана јасно дека софтверот не само што ги известуваше сите за проблем поврзан со хардверот, туку и го компензираше тој проблем – преку рестартирање и повторно активирање на задачите со највисок приоритет. Механизмите за откривање грешки и за обновување на работата навистина помогнаа во критичниот момент“, изјави Хамилтон.
Овој инцидент подоцна стана еден од клучните примери за придонесот на Хамилтон кон програмата „Аполо“.
Американскиот претседател Барак Обама посебно ја истакна нејзината работа кога во 2016 година ѝ го додели Претседателскиот медал на слободата – највисокото цивилно одликување во земјата.
„Да се каже дека Маргарет Хамилтон беше пионер – или дека беше пред своето време – би било крајно потценување. Таа беше софтверски инженер во време кога таа област сè уште беше во зачеток; не само што сама развиваше напреден код, туку и предводеше тим што ја користеше таа нова технологија за да создаде еден од најсложените системи што човештвото некогаш ги изградило“, изјави Оливие де Век, професор на програмата „Аполо“ и вршител на должноста раководител на Катедрата за аеронаутика и астронаутика при МИТ.





















