Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа објави нови санкции против Куба, сигнализирајќи дека САД ќе го зголемат притисокот врз кубанската влада да воведе политички и економски реформи, објавува Фокс њуз.
„Денешните санкции покажуваат дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп нема да стои настрана додека комунистичкиот режим на Куба ја загрозува нашата национална безбедност“, напиша Рубио синоќа на мрежата X.
Тој додаде дека САД ќе продолжат да преземаат мерки сè додека кубанскиот режим не ги преземе сите потребни политички и економски реформи.
Рубио воведе санкции врз основа на извршната наредба на претседателот Трамп од 1 мај, насочена кон оние „одговорни за репресијата во Куба“ и кои претставуваат закана за националната безбедност и надворешната политика на САД.
„На само 90 милји од нашата американска татковина, кубанскиот режим го сведе островот на уништување и го продаде на аукција како платформа за странски разузнавачки, воени и терористички операции“, се вели во соопштението на Стејт департментот.













