Судот на правдата на Европската Унија ја отфрли жалбата на Гугл и ја потврди антимонополската казна од 4,1 милијарди евра што ја изрече Европската комисија за злоупотреба на доминантната позиција преку оперативниот систем Aндроид.
Одлуката на највисокиот суд на ЕУ стави крај на повеќегодишниот правен спор покренат откако Европската комисија утврди во 2018 година дека Гугл им наметнал претходно инсталирани апликации на Гугл Срч, прелистувачот Хром и продавницата за апликации Гугл Плеј Стор на производителите на паметни телефони како услов за користење на оперативниот систем Aндроид.
На тој начин ги спречил да користат конкурентски системи на Андроид, со што ја ограничил конкуренцијата на пазарот за интернет пребарување и мобилни апликации.
Европската комисија првично му изрече казна од 4,34 милијарди евра на Гугл, но последователно, понизок трибунал ја намали казната на 4,1 милијарди евра во 2022 година откако најпопуларниот пребарувач во светот ја оспори казната на ЕУ.
Потоа, Гугл поднесе жалба до Судот на правдата на Европската Унија со седиште во Луксембург, највисокиот суд во Европа.
Судот застана на страната на антимонополскиот орган на ЕУ и пресудате конечно ја потврди.
Гугл објави дека е разочаран од пресудата, оценувајќи дека судот не ги зел доволно предвид напорите на компанијата да го одржи Aндроид отворен и слободен оперативен систем.
Компанијата истакнува дека деловните практики се променети од одлуката на Европската комисија во 2018 година.
Пресудата претставува нова победа за европските регулатори во нивниот обид да ја ограничат злоупотребата на пазарната моќ од страна на големите технолошки компании.
Во изминатата деценија, Гугл беше казнет со речиси 11 милијарди евра врз основа на разни антимонополски постапки во Европската Унија, додека компанијата сè уште се соочува со дополнителни регулаторни истраги во Европа.
Веројатно ќе види повеќе казни во блиска иднина за наводно фаворизирање на сопствените услуги и производи во резултатите од пребарувањето и за практики поврзани со неговата продавница за апликации, кои и двете спаѓаат во Законот за дигитални пазари, насочен кон ограничување на моќта на големите технолошки компании.
Судска одлука што веројатно ќе ја зајакне европската акција против големите технолошки компании.











