Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, денес го отфрли рускиот предлог за преговори за нова безбедносна архитектура на Европа, инсистирајќи наместо тоа на обновување на претходните договори со кои се гарантираат границите.
Вадефул ги изнесе овие ставови пред учеството на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Париз, на кој присуствува и украинскиот министер за надворешни работи.
„На Европа не ѝ е потребна нова безбедносна архитектура, како што Русија сака да нè убеди, туку едноставно обновување на постојната безбедносна архитектура“, рече Вадефул, осврнувајќи се на рамката воспоставена со Завршниот акт од Хелсинки од 1975 година, Париската повелба од 1990 година и Будимпештанскиот меморандум од 1994 година.
„Сите овие документи имаат цел да ги гарантираат сите граници и суверената еднаквост на сите држави“, рече Вадефул. „Тоа се суштински предуслови за заживување на глобалната економија – една од главните задачи на седумте водечки демократски економии во светот.“
Тој ги даде овие изјави по минатонеделното обраќање на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на конференција во Минск. Лавров ги обвини западните земји за војната во Украина и предложи создавање „паневроазиска архитектура“, отворена за европските земји, која би го заменила сегашниот систем центриран околу евроатлантските институции.
Вадефул на состанокот на Г7 рече дека претставниците темелно ќе ги разгледаат најновите напори за изнаоѓање дипломатско решение за војната меѓу Русија и Украина, улогата на Европа во преговорите и планираните безбедносни гаранции за Киев.
„Европа мора да биде дел од решението“, нагласи тој.
„Поради тоа, заедно со Франција и Велика Британија ќе ги изнесеме европските ставови.“
Франција е домаќин на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Групата седум водечки развиени економии (Г7)- САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Канада- заедно со поканети партнери.
Покрај дипломатските случувања, се очекува претставниците да разговараат и за економската поддршка за Украина и санкциите за Русија, со цел зголемување на притисокот врз Москва пред преговорите.





















