Регионалните посредници се обидуваат да ги смират тензиите што се зголемуваат меѓу САД и Иран, истовремено повикувајќи на натамошни преговори за нуклеарен договор, објави доцна синоќа новинскиот сајт „Аксиос“.
Повеќе извори – двајца од земјите посредници и еден американски официјален претставник – за медиумот изјавија дека регионалните влади се обидуваат да ги деескалираат тензиите меѓу двете земји.
Регионален извор од една од земјите посредници рече дека посредниците веруваат оти неодамнешните ирански напади во Ормускиот Теснец биле извршени од елементи во рамките на иранскиот режим што се противат на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран и се обидуваат да го нарушат.
Изворите наведоа дека официјални претставници од Катар, Пакистан, Египет и Саудиска Арабија во среда оствариле повеќе телефонски разговори со американски и ирански претставници во обид да ги намалат тензиите.
„Постојат обемни дипломатски напори најпрво да се постигне согласност со двете страни за деескалација, а потоа да се одреди датум за уште една рунда преговори меѓу техничките тимови“, изјави еден регионален извор вклучен во посредувањето.
Иран и САД во изминатите два дена разменија напади во екот на ескалацијата, по нападите на Иран врз три трговски брода во Ормускиот Теснец.
Техеран вчера изведе серија напади врз американската воена инфраструктура во Бахреин, Кувајт, Катар и Јордан, како одмазда за американските напади веќе втора ноќ.






















