Тим Бејл
Авторот е професор по политички науки на Универзитетот Квин Мери во Лондон и коавтор на книгата „Европска политика-компаративен вовед“
Британскиот премиер Енди Бурнам ги изненади сите- вклучително и многумина од неговите колеги во кабинетот- кога во својот говор на годишната конференција на Лабуристичката партија неочекувано повторно го отвори прашањето за односите на Обединетото Кралство со ЕУ.
Тој изјави дека Брегзит „нанел повеќе штета отколку корист“ и дека, “доколку сакаме да вратиме повисоко ниво на раст и просперитет“, ни е потребен „јасен пат... кон остатокот од векот“.
Според тоа, продолжи тој, наскоро ќе ја „искористи можноста... да ѝ ги претстави на земјата... различните опции“, по што ќе „види дали можеме да постигнеме консензус околу една од нив, која ќе ни донесе јасност за нашата позиција и за иднината на континентот на кој живееме“.
Со тоа, Бурнам прекрши едно табу кое, уште од 2016 година, всушност ги принудуваше повеќето политичари од левиот центар во Обединетото Кралство да не одат подалеку од ветувањето- исто како што тоа го правеше неговиот претходник Кир Стармер- дека ќе направат Брегзит „да функционира“.
Ова главно се должеше на стравот да не изгледаат како да сакаат да се откажат од она што застапниците на излегувањето од ЕУ сè уште инсистираат да го нарекуваат „волја на народот“, изразена на референдумот во 2016 година.
Следејќи ги анкетите и финансиските текови
Фактот што зборовите на Бурнам не предизвикаа негативна реакција кај „народот“ (или, што можеби е уште поречито, не поттикнаа детална одбрана на придобивките од Брегзит од страна на неговите застапници) сведочи за тоа дека мнозинството Британци уште од почетокот на 2021 година им кажуваат на анкетарите оти одлуката што земјата ја донесе пред 10 години била погрешна.
Во моментов, околу 57% од гласачите-вклучително и 23% од оние што гласаа за излез од ЕУ- се согласуваат со ова, додека околу 55% изјавуваат дека сакаат повторно да ѝ се приклучат на Унијата.
Одлуката на Бурнам има уште поголема логика од изборна гледна точка кога ќе се земе предвид дека околу осум од десет гласачи- чија поддршка ѝ е потребна на Лабуристичката партија (или пак им треба нивно тактичко гласање на следните избори за да се спречи доаѓањето на власт на Конзервативците и партијата „Реформ УК“)- го поддржуваат повторното зачленување во ЕУ.
Подеднакво важно е тоа што неговиот потег има и економска логика.
Всушност, веројатно е дека истражувањата што укажуваат оти Брегзит предизвикал сериозна штета врз трговијата, економскиот раст и јавните финансии на Обединетото Кралство- заедно со оваа промена во јавното мислење и загриженоста дека САД веќе не се толку сигурен сојузник- се меѓу главните причини поради кои Бурнам, по само десет недели на функцијата, заклучил дека мора да се направи повеќе за да се поништи или барем дополнително да се ублажи огромната штета што земјата сама си ја нанела со Брегзит.
Под водство на Стармер, лабуристичката влада преземаше низа постепени чекори за намалување на трговските пречки настанати по излезот на Обединетото Кралство од ЕУ.
Сепак, ниту еден економист не смета дека оваа стратегија- слично на разните трговски договори што Обединетото Кралство ги потпиша со други земји за време на владеењето на Конзервативците- ќе придонесе со повеќе од дел од процент на порастот на БДП на земјата.
Всушност, единствениот потег што би направил повеќе од маргинална разлика би било пристапувањето не само кон царинската унија (како што тоа го направи Туркије), туку и кон единствениот пазар.
Но да се направи тоа без целосно враќање во Унијата би значело Обединетото Кралство да стане, според политичкиот жаргон, „прифаќач на правила“ (rule-taker)- нешто што за толку голема економија, која особено силно ја цени својата сувереност, веројатно би било невозможно да се прифати, како начелно, така и во пракса.
Најверојатното сценарио е дека Бурнам во изборната програма на Лабуристите ќе вклучи заложба не за директно повторно зачленување, туку за отворање преговори за нови, поблиски односи со ЕУ, при што секој евентуален договор би бил предмет на референдум.
Високата цена на повторното зачленување
Сепак, победата на такво гласање е далеку од сигурна, особено ако станува збор за полноправно членство. Тоа е така бидејќи сегашните земји-членки речиси сигурно би одбиле да му ги доделат на Обединетото Кралство повеќето од исклучоците и буџетскиот поврат на средства што ги уживаше пред формално да ја напушти Унијата во 2020 година- а актуелните анкети покажуваат дека поддршката за повторно зачленување меѓу британските гласачи значително опаѓа штом ќе им се претстави тоа сценарио.
Покрај тоа, ова претпоставува дека секоја земја-членка на ЕУ (а според правилата, навистина би морало да биде секоја земја-членка) би го поздравила враќањето на Обединетото Кралство во заедницата, а тоа не може да се гарантира.
Од една страна, европските влади би стравувале од можноста каква било одлука на Обединетото Кралство за повторно зачленување да биде поништена од некоја идна евроскептична влада во Лондон.
Од друга страна, за каков било договор би требало да се преговара со ЕУ чии најголеми членки, Франција и Германија, во тој момент можеби би биле предводени од две екстремно десничарски партии (француската Национален собир- РН и Алтернатива за Германија AфД), чија наклонетост и блискост кон Британија се, најблаго кажано, сомнителни.
Од друга страна, треба да се потсетиме дека Обединетото Кралство сè уште е релативно богата средна сила со значително дипломатско и одбранбено присуство.
А позитивната реакција на актуелниот француски претседател Емануел Макрон на почетниот потег на Бурнам потсетува дека многу европски политичари и граѓани- без оглед на пречките што би можеле да се појават во преговорите- со задоволство би виделе како Обединетото Кралство конечно признава дека, во сè понестабилното економско и геополитичко опкружување, членството во ЕУ е најбезбедната опција.
Извор: АА
Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан





















