Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска остро ги отфрли американските санкции воведени против оваа институција, нарекувајќи ги обид за попречување на правдата и ветувајќи дека ќе продолжи независно да ја врши својата работа.
„Оваа мерка е насочена кон независна правосудна институција, основана со меѓународен договор, на која 125 држави-членки ѝ ја доверија задачата да истражува и гони за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторство на агресија“, се наведува во соопштението на судот.
МКС ги опиша санкциите како „напад врз владеењето на правото“ и врз темелите на меѓународниот правен поредок.
Судот истакна дека мерките имаат за цел да го попречат неговото работење и да ги заплашат оние што работат за него или соработуваат со него.
„Судот ќе продолжи целосно да го спроведува својот мандат, со независност и непристрасност, постапувајќи исклучиво врз основа на законот и доказите, заради безбројните жртви на тешки злосторства“, изјави претседателката на МКС, Томоко Акане.
Судот наведе дека санкциите уследија по американските мерки насочени против 13 независни судии и обвинители, додавајќи дека нема да се откаже од извршувањето на својот мандат.
МКС ги повика земјите-членки да преземат конкретни чекори за да обезбедат дека судот ги има потребните ресурси за продолжување на својата работа.
„Овде не станува збор само за одбрана на една институција, туку за зачувување на меѓународниот поредок заснован на владеењето на правото“, се вели во соопштението.
Судот исто така порача дека „никој не треба да биде казнет за служење на каузата на правдата“.
Додаде дека идните генерации и жртвите на масовни злосторства ќе судат за тоа како меѓународната заедница реагирала на санкциите.
Соопштението уследи по најавата на американскиот државен секретар Марко Рубио за воведување санкции против судот.
Исто така, беше нагласена улогата на судот во обезбедувањето одговорност за сериозни меѓународни злосторства.
„Како суд од последна инстанца, МКС игра важна улога во борбата против неказнивоста за најтешките меѓународни злосторства“, се наведува во соопштението.
Најавувајќи ги санкциите, Рубио изјави: „Претседателот Трамп никогаш нема да дозволи Меѓународниот кривичен суд да гони Американци. Токму затоа, денес, Соединетите Држави воведуваат санкции против Меѓународниот кривичен суд“.
Тој исто така се закани дека ќе го „укине МКС“ доколку судот не престане со она што тој го опиша како „закани“.


















