Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека во Србија во средината на септември треба да биде отворена нова фабрика за производство на дронови, која ќе биде реализирана во соработка со Израелците.
„Србија ќе отвори фабрика за дронови, но со Израелците“, изјави Вучиќ во саботата на заедничката прес-конференција по средбата со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Палатата „Србија“.
Според него, отворањето на фабриката се очекува околу 15 или 20 септември.
Вучиќ не изнесе повеќе детали за локацијата на фабриката, нејзините производствени капацитети, видот на дроновите што би се произведувале, ниту за вредноста на инвестицијата.
Вучиќ за фабриката за дронови зборуваше одговарајќи на новинарско прашање дали со Зеленски разговарал за воена соработка.
„Денес не разговаравме за каква било воена соработка, не во овој момент. Што ќе биде кога ќе заврши војната, тоа е друга работа“, додаде Вучиќ.
Зеленски во петокот вечерта допатува во посета на Србија, за време на која во саботата беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија и Државната служба на Украина за безбедност на храната и заштита на потрошувачите за соработка во областа на здравјето на животните и безбедноста на храната.
Меморандумот го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Драган Гламочиќ, и амбасадорот на Украина во Србија, Олександар Литвиненко. На потпишувањето присуствуваа претседателите на Србија и Украина, Александар Вучиќ и Владимир Зеленски, кој во петокот вечерта допатува во посета на Србија.
Посетата на украинскиот претседател Зеленски на Србија беше долго најавувана, а доаѓа три недели по самитот Украина – Југоисточна Европа во Киев, на кој присуствуваше и Вучиќ.























