Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) соопшти дека извршила напади врз американските воени бази во Кувајт и Јордан, пренесе иранската државна телевизија ИРИБ.
ИРГК соопшти дека во нападите уништиле голем магацин на воена опрема, американски систем за воздушна одбрана „Патриот“ и хангар во кој биле сместени беспилотни летала Ем Кју 9 во воздухопловната база „Али ал Салем“ во Кувајт.
Исто така, се тврди дека ги погодиле сместувачките капацитети што ги користи американскиот персонал и два хангари за хеликоптери во кампот Удаири, „убивајќи и ранувајќи“ неодреден број американски војници и предизвикувајќи тешка штета на неколку хеликоптери и беспилотни летала.
Револуционерната гарда соопшти дека цел на нападот била и телекомуникациска кула како одмазда за американските напади врз комуникациската инфраструктура во Иран.
Обраќајќи се до кувајтската јавност, групата изјави дека нејзините напади биле насочени кон локации што ги користи американската војска и дека не претставуваат повреда на суверенитетот или територијалниот интегритет на Кувајт.
Групата, исто така, соопшти дека ги нападнала американските бази во Јордан и „уништила радар кој припаѓал на системот за ракетна одбрана THAAD, системот Patriot и радарот C-RAM“.
Исто така, се вели дека нападите запалиле резервоари за гориво, магацин за опрема за хеликоптери и хангар за одржување на хеликоптери.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива против Иран во февруари. Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон земјите од Персискиот Залив кои имаат американски капацитети.
САД и Иран минатиот месец потпишаа меморандум за разбирање, со посредство на Пакистан, за да го прекинат конфликтот и да постигнат траен мировен договор, но тензиите повторно ескалираа минатата недела поради Ормутскиот теснец, при што двете страни разменија напади.






















