Претседателот на Либан, Жозеф Аун, денес изјави дека се во тек контактите за продолжување на прекинот на огнот со Израел, што беше воспоставен на 17 април.
„Во тек се контакти за продолжување на периодот на прекинот на огнот“, изјави Аун за време на состанокот со парламентарната комисија, се наведува во соопштението од Претседателскиот кабинет.
„Нема да штедиме никаков напор за да ја прекинеме абнормалната ситуација во која се наоѓа Либан во моментов“, додаде тој.
„Во сите контакти и консултации, главните цели се зачувување на либанскиот суверенитет врз целата негова територија“, истакна Аун.
Либанскиот претседател додаде дека претстојните преговори ќе се фокусираат на „целосно запирање на израелските напади, повлекување на израелските сили од либанска територија, враќање на приведените лица, распоредување на Армијата до меѓународните граници и обнова на уништеното во војната“.
Израелскиот и либанскиот амбасадор се сретнаа во Вашингтон на 14 април, што беше нивна прва средба по 43 години, при што се согласија да започнат директни мировни преговори.
Според израелскиот „Канал 15“, втората рунда преговори меѓу Израел и Либан ќе се одржи в четврток во Вашингтон.
Израел од 2 март спроведува офанзива во Либан во која, според официјалните податоци, загинале околу 2.300 лица, повеќе од 7.500 се ранети, а над еден милион луѓе се раселени.
Прекинот на огнот од 10 дена во Либан беше најавен од страна на американскиот претседател Доналд Трамп на 17 април.











