Бошњачкиот национален совет (БНС) во Република Северна Македонија објави соопштение во кое наведува дека „остро ја осудуваат неупотребата на официјалното име на Босна и Херцеговина“ и, како што наведуваат „(зло)употреба на ентитетското име „Република Српска“ на плакатите кои ги објави ISF федерацијата на своите официјални профили на Инстаграм и Фејсбук“, а се работи за Светско средношколско ракометно првенство кое се одржува во Скопје, во соработка со Федерацијата на училишни спортови во Македонија.
„Бошњачкиот национален совет упати протестна нота до организаторот во која е побарано да се исправи погрешниот назив“, велат од БНС.
Од 20 до 29 април Скопје е домаќин на Светско училишно првенство во ракомет ИСФ Скопје 2026, каде учествуваат околу 700 учесници во 23 екипи од целиот свет.
Во врска со случајот, реагираше и Бошњачкиот демократски сојуз.
„Ваквото постапување претставува грубо кршење на основните факти и претставува неприфатлив преседан во спортот. Организаторите се должни да ги почитуваат меѓународно признатите рамки и официјални називи на државите“, велат од БДС.
Истакнуваат дека бараат „итна исправка на оваа грешка и јасно наведување на Босна и Херцеговина како земја од која доаѓа наведениот тим. Ја известуваме јавноста дека на организаторот на турнирот веќе му е упатена официјална протестна нота по повод наведениот случај.“


















