Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека се работи на конечно надминување на сите отворени прашања меѓу Албанија и Грција и на нов договор за стратегиско партнерство.
Премиерот Рама престојува во посета на Грција во рамки на работата на Економскиот форум во Делфи, каде што се сретна со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, нè поврзува посебно пријателство создадено на заедничкиот пат на амбицијата за модернизација на нашите земји и за подигање на албанско-грчките односи на ново ниво. На овој пат, не само најдобрите моменти, туку и најтешките секогаш се карактеризирале со комуникација полна со почит и без задршка, додека работиме на конечно надминување на сите отворени прашања меѓу двете држави, за оваа година да излеземе со нов договор за стратегиско партнерство“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Премиерот Рама и министерот за Европа и надворешни работи Ферит Хоџа престојуваат во посета на Грција во рамки на Форумот во Делфи.



















