Арапските партии застапени во израелскиот парламент, Кнесет, во понеделникот одржаа своја прва средба по изборите одржани минатата недела. Целта на состанокот била координација на напорите за смена на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, во пресрет на консултациите за формирање нова извршна власт.
Средбата се одржа два дена пред израелскиот претседател Исак Херцог да ги започне консултациите (закажани за среда) со партиите избрани во Кнесетот, кој брои 120 пратеници, за да се утврди кој пратеник ќе биде задолжен за формирање влада.
Според прелиминарните резултати од изборите одржани минатиот вторник, арапските партии освоија 19 пратенички места, додека блокот на Нетанјаху доби 53, а опозициските партии 48 места.
Ниту еден од блоковите не обезбеди 61 пратеничко место, колку што се потребни за парламентарно мнозинство.
Ахмад Тиби, шеф на парламентарната група на „Заедничката листа“, објави фотографија од средбата на социјалната мрежа „Икс“ (X).
„Средба за координација и консултации меѓу раководствата на ’Заедничката листа‘ и ’Обединетата арапска листа‘“, напиша Тиби.
Тој изјави дека целта е „да се собори владата на Нетанјаху, Бен-Гвир и Смотрич и да се замени со влада на промени“.
На фотографијата се гледаат Тиби, лидерот на „Заедничката листа“ Јусеф Џабарин (од Демократскиот фронт за мир и еднаквост), претставникот на Националното демократско собрание Бакр Ававдех и лидерот на „Обединетата арапска листа“, Мансур Абас.
Средбата се одржува во време кога се интензивираат политичките консултации пред разговорите на Херцог со партиите околу тоа кој треба да го добие мандатот за формирање на следната влада.
Во неделата, партијата „Заедно“ (Together), предводена од поранешниот премиер Нафтали Бенет, објави дека ќе го предложи Гади Ајзенкот, лидер на партијата „Јешар“, за премиер.
Израелскиот јавен сервис „КАН“ (KAN) во понеделникот објави дека и партијата „Демократи“, предводена од Јаир Голан, исто така се подготвува да го предложи Ајзенкот.
„Канал 12“ пренесе изјава на лидерот на партијата „Израел Бејтеину“, Авигдор Либерман, кој рекол дека ќе го предложи Ајзенкот пред претседателот Херцог. Арапските пратеници, исто така, навестија дека би можеле да го предложат Ајзенкот, во обид да го спречат Нетанјаху да формира уште една влада.
Доколку сите 19 арапски пратеници им се придружат на опозициските партии во предлагањето на Ајзенкот, тој би можел да добие поддршка од 67 пратеници, наспроти 53 за блокот на Нетанјаху.
Ваквиот исход би можел да влијае врз одлуката на Херцог за тоа кому прв да му го довери мандатот за формирање влада, иако партијата Ликуд на Нетанјаху останува најголема поединечна партија во Кнесетот.
Нетанјаху (76) има служено пет мандати како премиер (кои не се последователни), со што е премиерот со најдолг стаж во историјата на Израел.
Тој ја предводи актуелната влада од крајот на 2022 година, на чело на коалиција која нашироко се опишува како најдесничарска во историјата на Израел.
Против Нетанјаху моментално се води судски процес за корупција – вклучувајќи обвиненија за поткуп, измама и злоупотреба на довербата – за што, доколку биде прогласен за виновен, може да добие затворска казна.
Тој е, исто така, баран од Меѓународниот кривичен суд врз основа на налог за апсење издаден во 2024 година, поради обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, каде што, од октомври 2023 година, се убиени повеќе од 74.000 Палестинци.





















