Русија и Украина во денеска во раните утрински часови пријавија киберинциденти што ги погодиле нивните мобилни апликации за итно предупредување, при што на корисниците во двете земји им биле испратени лажни предупредувања.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека апликацијата „Воздушна тревога“ во земјата веројатно била изложена на „непријателско мешање“, откако на неа се појавиле лажни предупредувања.
„Нема радијациска закана“, соопштија тие на Телеграм, повикувајќи ги жителите да останат смирени и да ги следат официјалните информации.
Украинскиот Центар за стратегиски комуникации подоцна ја обвини Русија за инцидентот, наведувајќи дека корисниците добиле „чудни пораки“, меѓу кои и порака на руски јазик во која се споменувала ракетата „Орешник“.
Неколку часа подоцна, руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека неговата мобилна апликација била цел на „голем кибернапад“, кој им овозможил на напаѓачите да испратат лажни информации до јавноста.
Министерството соопшти дека поширокиот систем за јавно предупредување во Русија функционира нормално и дека не бил погоден од нападот.
Граѓаните продолжиле да добиваат предупредувања преку сирени и уреди за разглас, СМС-пораки, како и телевизиски и радиоемитувања, соопшти Министерството, додавајќи дека мобилната апликација претставува само дополнителна информативна услуга.
Министерството соопшти дека експерти работат на враќање на нормалното функционирање на апликацијата и дека ситуацијата е „под контрола“.
Москва не соопшти кој смета дека е одговорен за нападот.
Засега не е јасно дали инцидентите што ги погодија руската и украинската апликација се меѓусебно поврзани.























