Денес ќе го дознаеме првиот учесник во финалето на Лигата на шампионите. Арсенал ќе го пречека Атлетико Мадрид во Лондон во 21 часот во реваншот од полуфиналето. Првиот натпревар, одигран минатата недела на стадионот „Метрополитано“, заврши нерешено 1:1.
Двата тима сè уште чекаат на својата прва европска титула. „Топџиите“ загубија во финалето во 2006 година од Барселона, додека Атлетико загуби во финалињата во 2014 и 2016 година од градскиот ривал Реал.
„По 20 години, сакаме повторно да играме во финалето. Играчите имаат огромна енергија и се гладни за успех. Сакаме да го доживееме овој посебен момент со нашите навивачи“, изјави тренерот на Арсенал, Микел Артета.
„Долго време чекавме ваква можност. Во Мадрид имаше одлична атмосфера, една од најдобрите што сум ги доживеал, но убеден сум дека ќе биде иста и на нашиот стадион“, додаде стратегот на „Топџиите“.
Долгогодишниот тренер на Атлетико, Диего Симеоне, исто така верува во својот тим.
„Им кажав на моите играчи дека мора да го повторат вториот дел од првиот натпревар. Тие беа навистина одлични, игравме интензивно и добивавме дуели на средината од теренот. Мора да бидат смирени, имаат доволно искуство за вакви важни натпревари“, рече Симеоне.
„Без разлика колку ние тренерите размислуваме за тоа, фудбалот зависи од играчите, само треба да ги подготвиме на најдобар можен начин“, рече стратегот на Мадрид.
Можни состави:
АРСЕНАЛ: Раја, Вајт, Салиба, Габриел, Хинкапие, Зубименди, Рајс, Езе, Сака, Ѓокереш, Мартинели
АТЛЕТИКО: Облак, Љоренте, Пубил, Ле Норманд, Руџери, Симеоне, Коке, Кардосо, Лукман, Алварез, Гризман
Во среда, Баерн и актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен ќе го играат реваншот по лудото полуфинале на Паркот на принцовите во кое Парижаните победија со 5:4.
Финалето е закажано за 30 мај на Пушкаш Арената во Будимпешта.











