Европската комесарка за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Србија поради глорификацијата на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој почина пред една недела во затворот во Хаг, каде што отслужуваше доживотна казна затвор.
„Ратко Младиќ е осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Враќањето на неговите останки во Белград ја потсетува Европа на најтемните страници од нашата понова историја“, објави словенечката комесарка на X, додавајќи дека затоа одлучила да го откаже планираното патување во Србија.
Таа нагласи дека глорификацијата на Младиќ по неговата смрт е некомпатибилна со вредностите врз кои се гради патот кон ЕУ. Тој пат бара соочување со минатото, вистинско помирување и почит кон жртвите на воените злосторства.
„Вредностите што ја поткрепуваат нашата заедничка иднина не се предмет на преговори“, напиша Кос.
Останките на Ратко Младиќ беа донесени во Белград доцна попладне во четврток со авион на српската влада.
Ковчегот со телото беше донесен со авион од Холандија од страна на синот на Младиќ, Дарко, внуката Анастасија, српскиот министер за правда Ненад Вујиќ и двајца од воените другари на Младиќ.
Стотици симпатизери на Младиќ се собраа на неколку надвозници над автопатот кон центарот на Белград, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Младиќ, српски херој“, „Благодарам генерале“ и „Хероите никогаш не умираат“.
Неговиот син изјави дека Младиќ ќе биде погребан во понеделник, 7 септември, на гробиштата Топчидер.





















