Американската технолошка компанија Мета соопшти дека четири американски држави бараат од неа да плати вкупно 1,4 билиони долари казни во тужба во која се тврди дека ги дизајнирала платформите на Фејсбук и Инстаграм за да поттикне зависност кај децата и тинејџерите и ја довела јавноста во заблуда за безбедноста на малолетниците.
Барањето за казна се однесува на тужби поднесени од Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси, објави Ројтерс.
Мета тврди дека бројката од 1,4 билиони долари е неоснована и не е поткрепена со докази.
Од компанијата велат дека таквата казна би била без преседан во историјата на заштитата на потрошувачите и е блиску до нејзината пазарна вредност, која е околу 1,5 билиони долари.
Компанијата, исто така, ги оспорува тврдењата за „зависност од социјалните медиуми“, наведувајќи дека терминот не е официјално призната психијатриска дијагноза.
Судењето во американскиот федерален суд во Оукленд, Калифорнија, е закажано да започне во август.
Судот ќе ги разгледа тврдењата дека Мета ги прекршила законите за заштита на потрошувачите и приватноста на децата, вклучително и тврдењата дека собирала податоци од малолетници без соодветна родителска согласност.
Во Соединетите Американски Држави моментално се водат илјадници судски постапки против Мета и други технолошки компании како што се Снеп, Алфабет и Бајтденс, забележува британската агенција.
Тужбите се засноваат на тврдења дека компаниите свесно развиле функции што поттикнуваат прекумерна употреба на платформите од страна на децата и тинејџерите, што наводно придонело за проблемите со менталното здравје на младите.






















