Договорот меѓу Русија и САД за испорака на дизел-гориво на американскиот и на глобалните пазари отвора многу други можности за билатерална соработка, изјави Кирил Димитриев специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин.
Димитриев на форумот „Руска недела на енергетиката“ во Москва изјави дека неговата земја ќе ја продолжи економската соработка со САД.
„Ова се однесува не само на договорот за дизел, туку и на многу други можности за економска и инвестициска соработка со САД, кои се од корист за Русија, за Соединетите Држави и за глобалните пазари“, рече тој.
Димитриев додаде дека Русија ќе продолжи да соработува со САД на економски и инвестициски проекти и ќе продолжи да му објаснува на Вашингтон – преку конкретни примери – дека американските санкции првенствено му штетат на сопственото население и на земјоделците.
Тој истакна дека укинувањето на санкциите за руското дизел-гориво имало непосредно позитивно влијание врз САД, Русија и глобалните пазари, но додаде дека практичната реализација на овие испораки ќе претставува значителен предизвик.
„Сепак, преку соработката со американската страна за решавање на овие прашања, покажуваме дека сме способни да работиме заедно и да постигнуваме резултати. Дизел-горивото ќе биде испорачано во САД и ние ќе ги надминеме сите пречки“, додаде тој. Тој ги обвини многубројните руски противници дека се обидуваат да го попречат договорот за дизел-гориво, напоменувајќи дека Москва е во постојана комуникација со САД во врска со потпишувањето на договорите во рамките на тој аранжман, кој би можел да биде финализиран во наредните денови.
Трамп по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин објави договор за испорака на дизел-гориво, според кој Москва се согласи да врши испораки за САД и за глобалните пазари.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски го критикуваше договорот, нарекувајќи го подарок за Путин, и предупреди дека олеснувањето на ограничувањата за извоз на руски дизел би можело да помогне во финансирањето на воените напори на Москва.



























