Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска најави дека започнува изградбата на автопатот Букојчани-Кичево, како дел од инфраструктурниот проект за автопатско заокружување на Коридорот 8, односно поврзување до главниот туристички центар Охрид и границата со Албанија на преминот Деве Баир кај Струга.
„Добра вест за Македонија! Продолжуваме да градиме, да поврзуваме и да создаваме нови можности. Денес e почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани - Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект и важен чекор кон нашата голема цел, целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид“, објави премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.
Со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево се создава инфраструктурната основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и посилен економски развој на државата.
„По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации“, порача Мицкоски.
Изградбата на оваа делница долга 30 километри и проценета вредност од над 500 милиони евра. За главен изведувач е избран градежниот конзорциум Бехтел-Енка, кој веќе работи на проекти на Коридорот 8.
Официјално предвидениот рок за пуштање во употреба на оваа делница е декември 2029 година.






















